Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Денес Земјата е најблиску до Сонцето за 2018 година!

Денес Земјата е најблиску до Сонцето за 2018 година!

3.01.2018

Денес, 3 јануари во 6 часот и 35 минути, планетата Земја беше најблиску до Сонцето за 2018 година, во положба наречена перихел. Во тој момент, нивното растојание изнесуваше 147 097 233 km. Тоа е за 2,5 милиони km помалку од просечното, односно околу 5 милиони km помалку од максималното растојание (152 милиони km) помеѓу Земјата и Сонцето, положба познато како афел (датум: 6 јули 2018 година). Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 km/сек побрзо (30,3 km/сек) по својата патека отколку во јули, што е причина и за малку пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Причината за перихел и афел е тоа што Земјината патека (орбита) не е сосема кружна, туку малку елиптична, со едниот крај на „елипсата“ малку поблиску до Сонцето. Сепак, таа разлика во растојанието е мала и не влијае на сезонската промена на климата, ниту на годишните времиња. Всушност, годишните времиња, како што беше укажано во една претходна статија се резултат на закосеноста на оската на ротација, која е под агол од 66 степени (ако беше вертикална, ќе немавме ниту промена на годишни времиња).

Иако би требало да се очекува помалото растојание во перихел да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното на оваа хемисфера. Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи. Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини!

Поради перихелната положба, Сонцето овие денови одлично се гледа и фотографира со послаби оптички инструменти кои имаат заштита и филтри (може и темна, неупотребена филм-фолија или тенка алуминиумска фолија).

На подрачјето на Балканскиот Полуостров, се очекува перихелот, односно периодот што следи непосредно по него, да ги донесе првите снежни врнежи во пониските предели, иако според сите најави и прогнози, тие ќе бидат значително послаби од минатогодишните.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6078 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger