Од одржаниот симпозиум по повод 70 години од основањетo на Македонско географско друштво

19.10.2019

Во чест на одбележување 70 години од основањето на Македонското географско друштво, во периодот од 3 до 4 октомври 2019 година, во Конгресниот центар во Охрид се одржа меѓународен научен симпозиум на тема „Новите трендови во географијата”. Работниот дел на симпозиумот се одвиваше во три сесии: физичка географија, животна средина, ГИС и картографија; социоекономска географија и методика во наставата по географија и просторно планирање. Беа презентирани вкупно 40 труда од автори од повеќе земји, меѓу кои: Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Русија, Италија, Шпанија, Шведска, ЈАР, Босна и Херцеговина и Косово. Темите и проблематиките кои се разработуваа ги дефинираа заклучоците кои беа презентирани во завршниот дел на симпозиумот и тоа:

  • Децентрализација на функциите од централно на регионално и локално ниво;
  • Превентивни функционални мерки за сузбивање на емиграциските текови на населението од рурални кон урбани средини и кон други држави;
  • Барање да се посвети внимание на стручната и експертска јавност од страна на политичките структури во институциите;
  • Систематски пристап во третманот кон заштита на животната средина;
  • Функционален развој на стопански активности, наспроти несоодветно искористување на природните ресурси;
  • Преиспитување на пристапот во географското образование во високото, средното и основното образование и
  • Поефикасно прилагодување и прифаќање на стандардите на Европската Унија.

Овој јубилеј беше вистински момент да се покаже благодарност на личности и институции кои се дел од развојниот пат на Македонското географско друштво преку соработка и меѓусебна поддршка. По тој повод беа врачени плакети за посебен придонес во развој на географијата на поранешните претседатели на Друштвото: проф. д-р Васил Граматниковски, проф. д-р Александар Стојмилов, проф. д-р Никола Панов и проф. д-р Благоја Маркоски. Исто така, беа  доделени благодарници на:

  • Проф. д-р Пјотор Мигон за особен придонес во соработката помеѓу Полското географско друштво и Македонското географско друштво;
  • проф. д-р Драгица Живковиќ  за особен придонес во соработката помеѓу Српското географско друштво и Македонското географско друштво;
  • проф. д-р Марко Кревс, за особен придонес во соработката помеѓу Асоцијација на географи на Словенија и Македонското географско друштво и
  • проф. д-р Климент Најденов за особен придонес во соработката помеѓу Бугарското географско друштво и Македонското географско друштво.

Благодарници беа упатени до членовите на Институтот за географија кои Македонското географско друштво го доживуваат како своја креација и инспирација. Воедно, благодарници беа врачени и на регионалните координатори кои со ентузијазам и заложба ги спроведуваат активностите на Македонското географско друштво и придонесуваат за формирање функционална мрежа на територијата на целата држава. Благодарници беа доделени и на поедни наставници кои во изминативе 10 години покажаа извонредни резултати на државните натпревари по географија, како и професори кои во текот на своето работење ја крепеле и граделе географијата низ основното, средното и високото образование.

Симпозиумот се одвиваше во пријатна работна атмосфера и пријателско дружење на различни генерации географи и се заокружи со организирана посета на стариот дел на градот Охрид.

Во име на Македонското географско друштво, упатувам благодарност до сите учесници на настанот, со надеж дека понеле пријатни искуства и спомени од настанот.

На крајот останува да си посакаме што повеќе настани во организација на Македонското географско друштво,  да ја унапредуваме географијата, да сме сé побројни и сé повлијателни.

Нека ни е честит роденденот.

Претседател на Македонско географско друштво, проф. д-р Билјана Апостоловска-Тошевска

Оваа статија е прочитана 5444 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *