Прошетка низ Македонските градови: Виница

8.01.2012

Градчето Виница се наоѓа во источниот дел на Република Македонија. Сместено е во подножјето на планината Плачковица, во југоисточниот дел на Кочанската Котлина, на надморска височина од 380 до 445 метри. Според сообраќајно-географската положба Виница има локално значење. Низ неа минува еден крак од магистралниот пат кој од Велес, Штип, преку Кочани и Делчево води кон соседна Бугарија.
За населеноста на просторот каде денес се простира градот, сведочат неколку локалитети како Горица и Кале Баир кои датираат од античко време. Словените се доселиле во првата половина на VII век од кога и потекнува името Виница поради одгледувањето на лозата и преработката на грозјето во вино. Според преданието името потекнува поради изобилството со вино, при што Виничани кога граделе куќи при недостаток на вода, калта ја замесувале со вино. Во патеписните белешки на Евлија Челебија од втората половина на XVII век, е запишано дека Виница е позната по големиот пазар на земјоделски производи по што ја викале Јени Пазар или Нов Пазар. За време на Австро-турската војна настанува раселување на Виница и околните села. Во 1780 година поради појава на чума драстично бил намален бројот на жители. По овие случувања во населбата се доселува одреден број на малоазиски Турци. Во почетокот на XIX век започнала да напредува и во втората половина на XIX век прераснува во трговски центар за околните села. Од тоа време е познатата Виничка чаршија, а жива трговија се одвивала и на Виничкиот пазар. Истовремено населбата добива улога на патна станица со поголем број на анови. Во 1879 год. броела околу 200 куќи и околу 1000 жители. Во 1900 год. Цвииќ. ја споменува под името Големо Село со 260 куќи и 1320 жители, од кои 2/3 биле христијани, а останатите муслимани.

Вистинскиот развој на населбата во економски и популациски поглед започнува по Втората светска војна, а посебно по 1957 год. Од 1948 до 1994 година населението се зголемува за четири пати (1948 год. 2568 жители; 1953 год. 3042 жители; 1961 год. 4049 жители; 1971 год. 5993 жители; 1981 год. 8458 жители; 1994 год. 9971 жители; 2002 год. 10863 жители) посебно во меѓупериодот 1961-1981 година. Со 10863 жител во 2002 година, Виница е на 17 место меѓу македонските градови. Во стопанството доминираат земјоделието (најмногу се одгледува ориз и тутун) и индустријата (текстилна индустрија, тутунска ундустрија итн). Со тоа има аграрно-индустриска функција во регионот. Како второстепен градски центар во Кочанската Котлина има мало гравитационо подрачје.

(текстот е дел од проектот Географски лексикон на Република Македонија, кој е работен на Институтот за географија под раководство на проф. д-р Васа Даскаловски)

Автор: д-р Билјана Апостоловска Тошевска

 

Оваа статија е прочитана 5996 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *