Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, На тема » Туристичко вреднување (валоризација) на Вевчани

Туристичко вреднување (валоризација) на Вевчани

Овој текст претставува еден обид за валоризација на туристичките можности на Вевчани. Вредно е да се напомене дека за истиот постои реална можност за негово посеопфатно проширување и надополнување, но сепак, овој текст може да послужи како добра основа за некои погледи во понатамошниот развој на туризмот.

Вевчани е населба која се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Неговите координати се: 41° ۫ 14′ 25″ N, 20° ۫35 35 E. Распослано е на падините на планината Јабланица (Црн Камен, 2.257 m) во насока исток-запад, од подножјето, преку ридестиот терен, се до сртот на истоимената планина. Неговата надморска височина се движи од 800 до 1060 m и претставува најмалата општина по површина со 35 km2 и ја опфаќа само истоимената населба. Според пописот од 2002 година, оваа општина брои 2433 жители.

Кога станува збор за туристичко-географската положба на Вевчани, може да се истакне дека истото има мошне поволна положба. Имено, во однос на сообраќајната поврзаност, Вевчани се наоѓа на 4 km од регионалниот пат Струга-Дебар кој по долинатана реката Црн Дрим води кон градот Дебар, а понатаму продолжува кон Маврово (т.н. западна туристичка магистрала) и се надоврзува на магистралата М-4 продолжувајќи кон Скопје. Преку истиот регионален пат, во правец на југ, Вевчани е поврзано со градот Струга. На почетокот на овој град, претходно споменатиот рагионален пат се надоврзува повторно на магистралата М-4 (дел од коридорот 8), така што Вевчани се поврзува со другите позначајни регионални и магистрални правци кои водат кон сите населени места во државата и надвор од неа. Поврзаноста по воздушен пат со Европа и Светот се одвива преку аеродромот ,,Св. Апостол Павле‘‘ кој е оддалечен 20 km од Вевчани. Исто така, Вевчани има добра географско-туристичка положба во однос на останатите туристички мотиви (како на пример, Охридското Езеро, градот Струга и сите негови туристички мотиви, селата Ташмаруништа, Вишни и Горна Белица и др., пределот Малесија заедно со Глобочичкото Езеро и сите останати околни природни и антропогени туристички мотиви).

Природно-географските карактеристики се неминовен и мошне значаен елемент  од повеќе аспекти, а особено кога станува збор за туризмот. Имено, за нашата држава Република Македонија слободно може да се каже дека претставува простор каде речиси секој дел од нејзината природа има посебна атрактивност. 

Природно-географски фактори кои се значајни за туризмот се: релјефот, климата, хидрографијата и биогеографијата. Имено, од аспект на релјефот застапени се неколку типа на релјеф (карстниот, флувијалниот, глацијалниот и периглацијалниот), но тука ќе го спомнеме само карстниот бидејќи како негова подземна најзначајна форма е пештерата „Вевчански Извори“ од која, впрочем, се манифестира најголемиот извор од хидролошкиот објект ,,Вевчански Извори‘‘. Во високите предели на планината Јабланица се наоѓаат високопланинските пасишта кадешто за време на првата половина на месец Јули се создава вистинска викенд населба од страна на локалните жители и други посетители кои традиционално го посетуваат ова место. Климата на подрачјето на Вевчани е умерено континентална, модифицирана со посебна клима на локално подрачје, а во повисоките предели е застапена планинска клима. Средногодишната просечна температура изнесува околу 10°C. Најстудени месеци се Јануари и Февруари, а најтопли Јули и Август со просечна температура од околу 21°C. Средногодишната сума на врнежи изнесува околу 1000 mm, со најголемо количество на врнежи во зимските, а најмало во летните месеци. Релативната влажност на воздухот, пак, изнесува 70-74%, а ветровите се делат на постојани (северниот (дува по долината на Црн Дрим во зимските месеци, а во лето носи свежина) и јужниот ветер (кој дува од езерото кон копното)) и локални (оној кој дува од правец на планината по месноста ,,Долга‘‘ и ,,Средни рид‘‘). Вевчани се наоѓа во Охридско-струшкиот регион (2.355 часови), кој, пак, се одликува со долготраен сончев сјај. Меѓутоа,  со оглед на географската положба што ја има Вевчани, сончевиот сјај има нешто помала вредност на сончевиот сјај изразена во часови. Осончувањето е значително поголемо во летните месеци и се движи во просек околу 280 часа или просечно по околу 9-10 часови дневно. Со најдолго траење на сончевиот сјај се одликува месецот Јули, со просек околу 340 часови или просечно дневно по 11 часови. Осончувањето, пак, во зимските месеци е значително помало и изнесува во просек околу 70 часови.

Од хидрографските карактеристики ќе ги споменеме: Вевчанските Извори кои претставуваат значаен хидролошки објект од повеќе аспекти меѓукои и од туристички аспект, потоа Вевчанската Река, Вевчанското Големо и Мало Езеро, вештачкото езерце на локалитетот ,,Јанков Камен‘‘, изворот ,,Црвен Кладенец‘‘ и потокот ,,Есејнца‘‘.

Од биогеографски аспект значајно е да се напомене дека на подрачјето на населбата застапени се разновидни видови на шуми, лековити растенија и сл., а исто така застапена е и разновидна фауна.

Во антропогените туристички вредности се вбројуваат културно-историските споменици, етно-социјалните туристички мотиви и манифестациите. Имено, Вевчани е мошне стара населба и просторот на кој се простира бил населен уште од времето на антиката. Сведок за тоа е локалитетот ,,Вајтос‘‘ кој се наоѓа на еден од краците на стариот римски пат ,,VIA EGNATIA‘‘. Во оваа населба културата е мошне развиена. Тоа се забележува преку низа на настани, градби, верувања, традиции и сл. Имено, верувањата и традицијата што ја има Вевчани во својата вера се докажува со постоењето на бројни цркви, манастири и параклиси. Амбиенталната култура е исто така богата, а тоа се должи на познатите Вевчански мајстори, а тука може да го споменеме и еден од поновите изградени објекти која се вбројува во функција на туризмот, т.е. ,,Порта Вевчани‘‘. Освен старите куќи, архитектурата на објектите и сл., тука се вбројуваат и водениците и валавиците. Дел од старите куќи се соодветно прилагодени и уредени и се ставени во функција на туризмот.

Во етно-социјалните туристички мотиви се вбројува носијата, која, пак, денес сè помалку може да се сретне во употреба, но сепак како нејзин репрезентативен претставник може да се истакне Културно-уметничкото друштво ,,Дримкол‘‘ – Вевчани, а истата се забележува и кај главните актери на добро познатиот настан Василица, односно ,,Свети Васиљја‘‘ или како што уште се нарекува Вевчански Карневал кој претставува своевидна туристичка атракција.

Манифестациите како туристички мотиви се бројни. Имено, како позначајни се: Меѓународната ликовна колонија ,,Вевчански видувања‘‘, културната манифестација ,,Топол културен бран‘‘ која е во покровителство на Министерството за култура и се одржува секое лето.Понатаму, непосредно пред одржувањето на Василица, односно Вевчанскиот Карневал, Културно-уметничкото друштво ,,Дримкол‘‘ го одржува својот годишен концерт, а следниот ден (12 Јануари) во центарот на Вевчани се одржува целовечерен концерт со настап на познати имиња како од нашата земја, така и од странство, а исто така, во летниот период присутни се и некои спортски натпреварувања кои имаат свој придонес во локалниот туризам. Населбата Вевчани има и Дом на културата во кој е сместена кино салата, а постои и аматерска театарска група – Патувачки театар Поклонисе и падни, која поставува на сцена драмски текстови врз основа на Вевчанскиот немирен дух, а со тоа ја продолжува театарската традиција која датира од 1936 година.

Материјалната база за развој на туризмот може да се каже дека е солидна, а истата е во понатамошен развој. Имено, постојат повеќе автентични и модерни угостителски објекти (ресторани, помал хотел, пансиони, кафе-барови, планинарски дом со ресторан и сл.), кои располагаат со вкупно околу 650 седишта, нешто повеќе од 100-ина легла, а исто така на располагање се нешто повеќе од 50-ина легла во домовите на локалното население. На самиот пат кон изворите постои и сувенирницата ,,Самовила‘‘ каде што може да се најдат бројни и разновидни стари раритетни и нови современи предмети и сувенири. Вевчани е населба со развиена инфраструктура и бројни природни потенцијали. Има изграден водовод, канализација, целосно е електрифицирано и со целосно изградена патна мрежа и асвалтирани и поплочени улици. Поврзано е со редовен автобуски превоз до градот Струга.

Кога се во прашање перспективите за развој на туризмот во Вевчани може да се каже дека истите интензивно се предмет на работа. Соодветните природно-географски карактеристики земени во целост, нудат одлична можност за понатамошно оптимално развивање на туризмот. Тие соодветно се надополнуваат со антропогените вредности кои се застапени на овој простор. Поради тоа, потребна е поголема ангажираност на сите соодветни надлежни (како на пример Општината Вевчани која презема повеќе мерки преку разни проекти да го зголеми развојот на туризмот и да ја зголеми искористеноста на туристичките потенцијали) со цел поголем развој, унапредување и искористеност на можностите и облиците на туризам кои се на располагање во Вевчани. Притоа, од големо значење е почитувањето на веќе постоечките вредности без нивно нарушување при поинтензивното развивање на туризмот.

Еден од најзначајните катализатори во развојот на туризмот секако претставува и маркетингот. Имено, во таа насока се оценува дека потребно и неопходно е истиот соодветно и мошне поинтензивно да се вклучи во самиот развој на туризмот, притоа, потребно е да се создаде и соодветна инфраструктура која ќе служи како придружна алатка на маркетингот (соодветен објект кој ќе служи во функција на туризмот и истиот ќе биде лоциран на соодветна местоположба, а во негов склоп постои можност за создавање на електронска апликација која овозможува мрежно поврзување на туристичките капацитети).

За реализирање на сите претходно напоменати потенцијали и нивно развивање и унапредување неминовно е вклучување на соодветен мултифункционален кадар кој има широки познавања кои се потребни за функционално и правилно одвивање на туризмот, а може да се каже дека Вевчани истиот го поседува.

Извори:

1.      Алулоска М. (1988): Народната носија во селото Вевчани, Географски Разгледи, Книга 26, Стр.: 205-219, Скопје;

2.      Будиноски М. (1984):Туристички локалитети на планината Јабланица, нивна валоризација и денешна состојба на туризмот, Географски разгледи, Книга 21-22, Стр.: 131-145, Скопје;

3.     Василески, Д. (2008)Планински езера на Јабланица – Вевчански Езера – Mountain lakes of Jablanica- Vevcani Lakes. Посебно издание. АД Печатница Напредок, Стр.: 1-62, Тетово;

4.   Даскалоски В. (1992): Вевчани – Географски одлики на селото Вевчани, Дипломска работа, Географски Факултет, Стр.: 1-40, Скопје (ракопис);

5.      Китаноски Д. (2001): Музеализација на материјалната култура од Вевчани со посебен осврт на носија, накит и украсување. Дипломска работа, Институт за географија, Завод за етнологија, ПМФ, стр.: 1-70, Скопје;

6.      Колчаковски Д. (2010): Геоморфолошки карактеристики на планината Јабланица, Билт. Истраж. Друш. Студ. Биол., Vol. 4, стр. 3-9, Скопје;

7.      Лешоски Ж. (1988): Географска монографија на село Вевчани, Дипломска работа, Географски Институт, ПМФ, стр.: 1-51, Скопје (ракопис);

8.      Панов Н., Штетиќ С. (2008): Туристичка географија, Селектор, стр.: 1-174, Скопје;

9.      Узуновски Н. (2007): Услови за развој на руралниот туризам во Општина Струга, Дипломска работа, Институт за географија, ПМФ, стр.: 1-47, Скопје (ракопис);

 

Подготвил:

Трајче Лазороски

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, На тема · Tags:

Leave a Reply

*