Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Чудесна Македонија » Гевгелија – македонскиот Лас Вегас!

Гевгелија – македонскиот Лас Вегас!

18.11.2014

Гевгелија се наоѓа на 3 километри од грчката граница и на само 70 километри од Солун. Со околу 16 000 жители, овој град во моментов е со највисока вработеност во Македонија – има само околу 18% невработени. Овој процент е пред се поради отворањето на повеќето казина и хотели во градот, како и малите мешовити компании со странските партнери, најчесто грчки државјани. Казината се посебен белег на Гевгелија во последните 30 години. Иако порано важеше за земјоделски крај, сепак денес многумина градот го препознаваат како македонскиот Лас Вегас. “Коцката” одамна е фрлена во Гевгелија. Лукзус, дискреција, забава, висок адреналин, одлична храна и чувство дека сте најбогатиот човек на светот. Тоа е светот на казината во Гевгелија, кој не се разликува многу од атмосферата во еден Лас Вегас, на пример. Богатиот свет што ве опкружува и односот на менаџметот и персоналот кон клиентите, ќе направат да се чувстувате опуштено и да заборавите каде сте, а оптимизмот дека ќе добиете на една од многуте игри на среќа е задолжителен. За врвниот професионализам на менаџерските тимови на казината и персоналот често пишуваат и грчките медиуми. Додека македонската јавност не знае многу за овој бизнис, грчките медиуми им препорачуваат на своите менаџери да одат во казината во Македонија за да научат што е добра услуга и менаџмент. Првиот хотел-казино е отворен во 1987, во центарот на градот, хотелот Југо со казиното Аполонија. Денес во Гевгелија работат уште 2 големи хотели со казина: Фламинго и Принцес, како и уште неколку помали казина и неколку елкектронски казина. Казино “Фламинго” кое работи неколку години, важи за едно од најлуксузните казина на Балканот и едно од најубавите во Македонија. Странските и домашните инвеститори, кои во ова казино вложиле 30 милиони евра, внимавале и на најситните детали. Подвижни скали ве носат директно во главното казино. Коцкарницата е со позлатен плафон и кристални лустери. Наоколу ве опкружуваат скапи репродукции од дела на познати светски сликари, меѓу кои и сликата на големиот ренесансен мајстор Сандро Ботичели – Раѓањето на Венера. Казиното е наменето исклучиво за странци, а во последно време среќата може да си ја пробаат и побогатите Македонци. Повеќе од 90% од гостите доаѓаат од соседна Грција. Во казиното работат над 400 лица. Казино – хотел „Принцес„ се наоѓа наспроти казино Фламинго и е инвестиција од 86 милиони евра на познатиот светски бренд од ланецот „Шератон“. Тоа е најголемиот објект за игри на среќа во Македонија со огромна сала (4.000 метри квадратни) во која се сместени над 630 апарати за игри на среќа и над 40 рулет маси. Во склоп на овој комплекс работи хотелот со пет ѕвезди „Рамада Плаза“, кој има 128 Princesелегантни соби, два ексклузивни апартмани и еден претседателски. Казината во Гевгелија имаат и организиран превоз од Солун до граничниот премин Богородица, каде ги чекаат шофери од казината да ги однесат на уште една партија покер, блек џек или рулет, но и на бесплатно јадење и пиење. Во време на светска економска криза, но и на кризата во Грција, бројот на гости во казината варира, па казината се принудени и со големи награди и забави со ѕвезди од грчката естрада, да ги привлечат гостите од соседна Грција. Освен сопствениците и вработените, корист од казината има и државата. Казината плаќаат фиксен надомест за секој апарат за коцкање. Колку повеќе маси и автомати има во едно казино, давачките кон државата месечно се повисоки. Според информации од Министерството за финансии, за секоја рулет маса се плаќа по 3.000 евра месечно, по 1.725 евра за други маси, 675 евра за автомат на кој истовремено може да играат повеќе играчи и 375 евра за автомат на кој може да игра еден играч. За секоја добивка над 10.000 денари се плаќа персонален данок од 10%. Сопствениците на казината ја полнат државната каса и по основ на давачки за вработените. Лиценцата за отворање казино е 520.000 евра. Откако ќе се пресече лентата и ќе се отвори некое казино, потоа се фрла клучот во вода. Тоа значи дека казиното никогаш не се затвора. Тоа е единствената индустрија што работи 365 дена во годината.

Извори: http://utrinski.mk/?ItemID=75CEE2B683E8B5408AB2671B9B502328

http://balkon3.com/kockata-vo-gevgelija-odamna-e-frle/

Изработиле: Славица Тенекиџиева и Тоше Тановски

 

 

 

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*