Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Белгискиот сепаратизам наспроти европскиот унитаризам

Белгискиот сепаратизам наспроти европскиот унитаризам

11.12.2012

Земјата која претставува мост меѓу „романската“ и „германската“ Европа можеби не котира високо во „друштвото“ на земји со сериозни геополитички проблеми и процеси, меѓутоа, кога ќе се земе во обзир дека Белгија е ентитет кој се зема за репер кога се зборува за демократија, слобода, либерализам, капитализам и се смета како класичен пример за цивилизациска прогресивност, се чувствува огромната политичката затегнатост, што може да продуцира геополитичка нестабилност и од поголеми размери.
Антагонизмот на етничка основа, односно пасивно – агресивниот судир меѓу двата народи кои ја носат конструкцијата на белгиската нација, заедно со класичната форма на „административна релативност“ што беше присутна во белгиското општество при потешкотиите да се формира влада, претставуваат геополитички состојби кои имаат голема вредност и налагаат нужна потреба од нивно перцепирање, дефинирање и споредба со останатите политички трендови во динамичниот геополитички свет.
Кралството Белгија е држава која се наоѓа во северозападниот дел на континентот Европа. Се граничи со Холандија на север, со Германија и Луксембург на исток, и со Франција на југ. Граници од 66.5 километри дели и со Северното Море. Вкупните копнени граници на Белгија изнесуваат 1.385 километри, односно вкупната површина на оваа држава изнесува 30.582 километри квадратни, што значи дека Белгија, во поглед на територијална зафатеност, е една од најмалите држави во Европа.
Во парламентарната монархија, живеат 10.7 милиони жители, што покажува дека Белгија е една од најгусто населени земји во Европа. Се одликува со ниска стапка на природен прираст (наталитет 11.8, морталитет 9.2, природен прираст од 2.6 промили). Белгија е една од земјите која може да се окарактеризира како „земја која старее“. Дури 17.7 проценти од населението припаѓа на старосната група од 65 и повеќе години. Популациониот подмладок, односно лицата од 0 до 14 години, го сочинуваат најмалиот дел од демографската порција, само 16.1 проценти. Белгија, како и голем број од земјите кои се наоѓаат на високо цивилизациско скалило, е држава која се одликува со ниска стапка на специфичен фертилитет, односно го нема ниту потребниот минимум за обнова на населението (просто кажано, се раѓаат помалку од две деца во семејство). Затоа, Белгија е една од земјите кои во иднина ќе се соочат со извесни социјални и економски проблеми.

Што се однесува на економски план, Белгија ги ужива сите можности на глобалната слободна пазарна економија. Распослана во срцевината на економските случувања во модерната Европа, Белгија успеала да се промовира како една од најмаркантните економски земји во Европа и светот воопшто. Нејзини најзначајни економски партнери се земјите од опкружувањето, односно Белгија како членка на Европската Унија, непречено ја „споделува“ својата економија со останатите земји од истиот склоп.
Како членка на Европската Унија, Белгија припаѓа на еден политички и економски ентитет кој преферира непостоење на граници внатре во „друштвото“. Меѓутоа, глобализираниот свет, најмногу во поглед на пазарната економија, ја прави Белгија отворена држава за практично целиот свет. Малиот удел на „државноста“ во економското функционирање на монархијата, е главниот причинител за можноста Белгија да просперира без раководство (влада). Односно, државата има толку декоративна улога во белгиските општествено – економски случувања, што таквиот вид на државно администрирање воопшто не е од клучно значење во поглед на целокупниот општествен тек.
И покрај економската завидна положба и угледот кој го ужива, Белгија низ годините е политички (релативно) нестабилна земја, поради поделбите внатре во државата предизвикани од етничкиот состав на населението. Супстратот на белгиската нација е составен од два етникуми: Фламанци и Валонци.
Фламанците се народ од германската група на народи. Потекнуваат од германски племиња кои се населиле во регионот во големата преселба на народите некаде меѓу 4 и 6 век од новата ера. Тие го зборуваат Холандскиот јазик, а поради нивното широко потекло и лингвиналната еднаквост, регионот во Белгија каде што живеат Фламанците се смета како еден романтичен дел од „Голема Холандија“.
Валонците, пак, се народ од романската група на народи, односно потекнуваат од келтските племиња што ја населувале земјата пред нашата ера. Поради нивното прифаќање на францускиот јазик се вбројуваат во франкофонската група на народи. Во независна Белгија, токму Валонците, кои живеат во регионот наречен Валонија (јужниот дел на Белгија), го имале високиот сталеж, односно токму Валонците ја имале политичката и економската иницијатива во Белгија. Секој што зборувал јазик поинаков од францускиот, се сметал за граѓанин од втор ред. Поради непопустливоста на Фламанците и нивната настојчивост да си го задржат својот (холандскиот) јазик, се појавиле силни сепаратистички идеи, односно се формирало сепаратистичко тело, кое всушност и сеуште е активно.
Бидејќи Валонија била јадрото на економскиот прогрес, социјалната и економската разлика меѓу двата региони станувала се’ поголема. Во Валонија се копал јагленот, се топел металот, се развивале трговијата и занаетчиството, се богатела и множела буржоазијата, се концентрирале аристократијата и чиновништвото. Од друга страна, пак, Фландрија ја исполнувала улогата на земјоделски додаток кон индустрискиот југ кој бурно се развивал. Меѓутоа, по Втората светска војна, двата дела на земјата како да ги промениле улогите. Во Валонија, каде што главно била развиена индустријата за јаглен, металургијата и другите стари гранки на индустријата, започнало економско опаѓање.
Низ времето на создавање економска нееднаквост со пресвртницата по Втората светска војна, Фламанците, односно северот на Белгија се одликувал со поголем природен прираст на населението, што допринело за демографска пресвртница. Во време на заострување на односите во Белгија на национална основа, Фламанците веќе биле доминантен народ во државата.
Кризата која се продлабочувала заедно со економската и демографската диференцијација во Белгија била, на некој начин решена (одложена) со спроведената федерализација од 1993 година, кога Белгија е поделена на три административни региони. Северен дел, односно Фландрија; јужен дел, односно Валонија, и специјален административен дел Брисел, во кој е загарантирана двојазичност. Таквата федеративна улога ќе се испостави како неодржлива, со влошувањето на ситуацијата и повторување на лавината кризни ситуации во последните години на минатата деценија. Најголемиот геополитички проблем, а воедно и единствениот „лепак“ во Белгија го сочинува токму градот Брисел.
Главниот град на Белгија и седиштето на Европската Унија, претставува енклава во федеративниот дел Фландрија. Меѓутоа, во главниот град живеат најголем број Валонци, односно процентот на луѓе кои го зборуваат францускиот јазик се движи околу 80 проценти. Така, опстојувајќи како град во фламанско опкружување со доминантно валонско население, Брисел сеуште претставува главна точка на полемиките кога се зборува за евентуалното распаѓање на државата.
Во геополитичките проекции напати се спомнува создавање на коридор кој би ги поврзувал Валонија и Брисел, а една од споменуваните варијанти е поврзувањето на Брисел со Европската Унија: Брисел како посебна држава која ќе опстојува со помош на Европски фондови; и Брисел кој ќе биде под управа на Европската Унија.

Што се однесува до народното расположение, повеќе од една четвртина од населението во Фландрија смета дека Фландрија треба да се одвои од Белгија, односно дека државата треба да се распадне. Во таков сооднос се движат и гласовите кои ги добиваат партиите на изборите, што се однесува на нивната кампања која се базира на „за или против“ опстојување на државата. Токму поради расцепканоста на партиите во поглед на иднината на државата, се случуваат и извесните проблеми со кои се соочуваат мандатарите кога треба да оформат влада, која е составена од неколку партии со освоени пратенички места, меѓутоа со поинаква политичка платформа. Белгискиот Крал, 79 годишниот Алберт II се бори за „Белгиско единство“ и опстојување на државата, што всушност е и најреално за проценка, и покрај големите поделби во Белгија.
Белгија е држава од Европската Унија. А Европската Унија е еден економски и политички ентитет кој се развива и главната цел е интегрирање на целиот европски континент во една држава – Европа. Таквиот силен економски и политички склоп воопшто нема интерес да дозволи евентуално менување на граници во срцевината на европската администрација.
Белгија, која многу светски стручњаци и експерти ја нарекуваат „вештачка творба“ која била создадена за балансирање на геополитичките сили меѓу романскиот и германскиот свет, најверојатно уште подолго време ќе опстојува како федерална држава со повремени „анархистички“ периоди и сепаратистички придвижувања, предизвикани од практично речено, вечниот антагонизам меѓу двата доминантни етнички блокови.

Литература

Мијалов Р. (2001): Меѓунационалните односи во Европа, Географски разгледи, бр. 36, стр 131-146, Природно-математички факултет, Скопје
Мијалов Р. (2002): Некои политичко-географски аспекти за проблемите на војната и мирот, Географски разгледи, бр. 37, стр 145-157, Природно-математички факултет, Скопје
Мијалов Р. (2005): „Етапи во формирањето на политичката карта на свет”, Географски разгледи, бр. 40, стр 137-151, Природно-математички факултет, Скопје
Панов, Н., Талеска, М. (2007): Географија на Европа, Селектор, Скопје
Китевски, Г. (2012): Географски аспекти на геополитичките проблеми и процеси на XX и XXI век, Магистерски труд, Институт за географија, ПМФ – Скопје (ракопис)

Автор: м-р Горан Китевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*