Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Загреб – град кој освојува многу срца

Загреб – град кој освојува многу срца

2.04.2017

Досега сите сме слушнале за градот Загреб, но малкумина од нас ги знаат убавинте кои ги крие. Загреб е модерен град со сите обележја што треба да ги има една метропола. Австро-унгарскиот стил во којшто е дизајниран градот, заедно со плоштадот којшто претставува вистински центар, го прават привлечен за најразлични видови забава за сечиј вкус, од кафе-ресторани до продавници со познати светски брендови. Бан Јелачиќ ги обединил Загреб и Градец, чие име денес го носи централниот плоштад во Загреб.
Загреб – главниот град на Република Хрватска e воедно и град со богата историја и голем број на туристички места вредни да се посетат. Се наоѓа во Централна Хрватска, на брегот на реката Сава, на просечна надморска височина од 122 m. Градот има континентална клима со топли лета, а таквата пријатна клима овозможува да биде посетуван од туристи во текот на целата година. Според податоците од 2015 година, во градот живеат околу 800 000 жители, а секојдневно има по неколку илјади туристи, деловни луѓе и други посетители.

Со оглед на тоа дека два од трите најважни европски коридори во Хрватска минуваат низ Загреб, како и поради близината на аеродромот Загреб (10 km), туристите од различни места во светот можат лесно да го посетат овој град. Панорамскиот разглед на градот може да се изведе со помош на јавниот градски превоз, кој го сочинуваат мрежа од трамвајски и автобуски линии, градско-приградски возови и многу такси возила.
Загреб изобилува со културно-историски споменици кои со векови во себе го носат неговиот дух и идентитет, а воедно е и богат со туристички знаменитости и културни установи кои што привлекуваат се поголем број на туристи годишно. Меѓу нив како најпознати и најпосетувани од страна на туристите може да се издвојат: Споменик на Јосип Јелачиќ на главниот градски плоштад, Споменик на Крал Томислав покрај Главната железничка станица, Горен град со црквата Св. Марко, зградата на Хрватскиот сабор, Вански дорови, Каменети врати, Купола со катедрала, како и стариот град Медвеград во кој се наоѓа олтарот на татковината. На крајот од триаголникот меѓу плоштадот „Бан Јелачиќ“ и железничката станица е сместена статуата на Јосип Јурај Штросмаер, човекот што помогнал да се објави „Зборникот“ на Миладиновци кој што е особено значаен за нас Македонците.

Исто така во Загреб се наоѓаат и преубавите паркови и спортско рекреативните центри кои изобилуваат со зеленило и чист воздух, а се навистина примамливи за граѓаните и посетителите.
Паркот „Максимир“ е еден од омилените дестинации на загрепчани, а избран е и за еден меѓу петте најубави паркови во Европа. Тој е најголем и најубав градски парк во Хрватска, распространет на простор од 18 хектари и збогатен со четири вештачки езера. Истиот е засолниште на многу растителни и животински видови.
Езерото Јарун преставува спортско-рекреативен центар во чиј состав се наоѓа веслачка патека со должина од 2 km како и две помали езера за капење и рекреација. Околу езерото се наоѓа асвалтирана патека долга 6 km. Редовно се оддржуваат натпреварувања со кајак и кану на мирни води, пливачки маратони како и атлетски и велосипедски трки.

Во Загреб се наоѓаат голем број историски, уметнички и културни музеи во кои се прикажани експонати од големи историски и уметнички вредности од цела Европа и светот. Во околу триесет музеи и галериски колекции, опфатени се повеќе од 3,6 милиони експонати. Важен музејски експонат е Загребската мумија, т.е. Загребска ленена книга, со 1.130 зборови која преставува најдолго сочуван споменик од старите Етрурци.
Загреб може да понуди и забава за љубителите на театар, со оглед на тоа што овде постојат околу 20 постојани или привремени театри. Како најубава се издвојува национална театарска куќа – „Хрватско народно казалиште“, изградено во барок стил во 1895 година. На сцената на овој театар се одржуваат драмски, балетски и оперски претстави, а театрот е опремен и за одржување на конгреси, промоции и разни приеми.
Исто така во самиот град се одржуваат и многубројни фестивали и манифестации меѓу кои најпознати се Загреб филм фестивал, основан во 2003 година, којшто е еден од најзначајните хрватски културни случувања. Во склоп на филмскиот фестивал се одржува ZagrebDox меѓународниот фестивал на документарните филмови, Анимафест – светскиот фестивал на анимирани филмови. Многубројните туристи се привлечени и од Меѓународниот саем на книгата “Интерлибер”, фестивалот на светлината, саемот за туризам и многу други. Сите овие манифестации и фестивали сами по себе се со многу интересни содржини поради што секоја година се повеќе и повеќе се посетени како од домашните, така и од странските посетители.
Иако престојував само неколку дена, Загреб веќе го освои моето срце, без сомневање ќе ви се случи истото на сите вас кои ќе го посетите.
Загреб – град вреден да се посети!
Го сакам Загреб!

Извори:
http://www.infozagreb.hr/novosti/arena-zagreb-medunarodni-sajam-turizma-place-2go
http://www.utrinski.mk/?ItemID=535FEC8C9EDB9E4F8C351F2E1DF6CCF3
https://mk.wikipedia.org/wiki

Изработила: Ирена Предарска, студент на насоката Туризам на ИГ

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*